Со ватерполо турнир денеска во Охрид стартува „Фестивалот на вода 2025“

Од денеска па до 30 август во Охрид ќе се одржи третото издание на спортската манифестација „Ohrid Water Festival“, која ги популаризира водените спортови на Охридското Езеро и ги промовира уникатните потенцијали со кои располага Охрид како најголем туристички центар во земјава.

„Станува збор за случување што ги спојува водените спортови, убавата музика и гастрономската понуда на ова поднебје. Фестивалот на водата во Охрид со своите две претходни изданија ги оправда очекувањата, доколку се има предвид дека второто издание беше за 80 проценти попосетено и со поголем број натпреварувачи од првата година. За оваа година се очекува бројките да се зголемат за уште 40 проценти, што значи дека веќе со третото издание добиваме сериозен настан, што претставува промоција на потенцијалите на Охридското Езеро и на водените спортови, во комбинација со социјално-едукативната и културна програма што не изостанува“, истакна пред стартот на манифестацијата градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Фестивалот започнува денеска на пладне со ревијалниот ватерполо турнир кај Градското пристаниште, каде истиот ден во 17 часот ќе се случи второто издание на Red Bull Педалинка – уникатна трка со педалинки.

Во недела на Градскиот базен ќе се одржи Пливачкиот митинг, како и Меѓународната кајак регата во организација на Клубот „Стрмец“.

Од 18 до 21 август на плажата „Кај Дивоно“ ќе се одржува меѓународен едриличарски тренинг-камп, а на 22 и 23 август ќе се одржи и Меѓународната едриличарска регата со учество на едриличари од Македонија, Србија и Турција.

Се вчитува...