Сојдас: Шкупи веќе нема право на грешки, триумф над Вардар би бил повеќе од добредојден

Шкупи максимално ја искористи паузата во шампионатот за консолидација на тимот и подобро запознавање на фудбалерите со работата на новиот тренер Хајат Сојдас.

Сојдас, пак, во очекување на неделниот натпревар со Вардар на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари вели дека се работело на техничко-тактички план изминатиот период во насока на што подобра подготовка за пресметката со „вардарци“.

„Паузата беше добредојдена за подобро запознавање со тимот. Работевме на физички план а одигравме и пријателски натпревар на кој фудбалерите ги имплементираа моите задачи. Се разбира не чека тежок меч против Вардар кој ќе сака да победи, но и ние веќе немаме право на грешки. Потребна ни е една убава победа за враќање на моралот. Мислам дека за кратко време направивме добра атмосфера во тимот. Фудбалерите ги разбраа моите идеи, па сето тоа треба да биде добра причина за добар резултат во недела“ – вели Сојдас за официјалната интернет страница на клубот.

Дуелот меѓу Вардар и Шкупи од 5. коло во Првата македонска фудбалска лига се игра в недела со почеток од 15:30 часот. Натпреварот е од висок ризик без дозвола за присуство на гостински навивачи.

Се вчитува...