Карпош соколи ќе се обиде да испише нови страници во својата историја и да стигне до првата европска победа на денешниот дуел што „соколите“ ќе го играат на домашен терен против естонски Калев, во првата квалификациска рунда од Лигата на шампионите на ФИБА. Клубот од Карпош лани го освои Купот на Македонија и стигна до финалето од плејофот, по што летово се реши за сериозен предизвик – учество во квалитетното европско натпреварување.
Калев барем на хартија важи за фаворит пред денешниот дуел, но „соколите“ веруваат дека можат да го изненадат естонскиот состав.
„Сигурно дека не е дововолно да подготвуваме помалку од месец дена за ваков дуел, но како што е за нас, така е за нив. Имаме предност на домашен терен, тоа мора да искористиме. Ги повикувам сите навивачи на нашата екипа, да дојдат во „Борис Трајковски“ и да ја дадат поддршката за овој клуб, бидејќи ќе ни треба, а ние ќе се обидеме да им вратиме со победа. Калев е квалитетен тим, знаеме дека ќе биде тешко против нив, но ние сме подготвени да одговориме на предизвикот“ – вели Драган Лабовиќ, кој и сезонава ќе биде предводник на „соколите“.
Боро Даскаловски, кој лани беше асистент во стручниот штаб, овојпат ќе ја има улогата на прв тренер.
„Ова е голем предизвик за мене како тренер, прв европски меч, исто како што е за сите во клубот. Естонците имаат двајца играчи кои се суперквалитетни во играта „два на два“. Бранко Мирковиќ е одличен „пик играч“, тука е и Симонс кој е незапирлив на „рол“. Навистина се силни, ќе ни биде многу тешко во дефанзива бидејќи станува збор за играчи кои имаат искуство од големи натпревари. Згора на тоа, имаат одличен шут од далечина, со исклучок на Симонс и на Ван дер Марс сите останати имаат извонреден просек на удари за три поени. Опасни се и во транзиција, тоа се нивните три клучни аспекти во играта, ако успееме да ги неутрализираме ќе можеме да се надеваме на позитивен резултат“- истакна Даскаловски.
Влезот за денешниот натпревар (17 часот, СЦ „Борис Трајковски“) е бесплатен, а реваншот ќе се игра веќе в четврток во Естонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА