Соколов: Мораме уште подобро во одбраната ако сакаме да победиме во Гостивар

МЗТ Скопје го совлада Гостивар со 87-68 во првиот натпревар од полуфиналната серија во плеј-офот во домашниот шампионат. Бекот на тимот од „Јане Сандански“, Дарко Соколов вели дека одличната игра во одбраната во второто полувреме била клучна за победата против Гостивар.

„Почнавме многу конфузно и во напад и во одбрана. Гостивар е добра екипа која верува во шутот за три поени, имаа висок процент на реализација во првиот дел, а ние париравме колку можевме. Во вториот дел со одличната игра во одбрана успеавме да го скршиме отпорот и успеавме да се одлепиме и заслужено поведовме со 1-0 во полуфиналето“, изјави Соколов. 

Вториот натпревар се игра утре во Гостивар, а Соколов смета дека на тешкото гостување ќе мора да одиграат уште подобро во одбраната за да успеат да стигнат до брејк, со кој пред својата публика ќе можат да го решат победникот во серијата.

„Секој натпревар со Гостивар е тежок. Имаат искусни кошаркари кои знаат да играат. Се надевам дека ќе одиграме уште подобро во одбраната, ќе направиме брејк за водство од 2-0, за да можеме на домашен терен да ја решиме серијата“, заврши Соколов.  

Вториот натпревар од серијата на програмата е во вторник во Гостивар, со почеток во 18 часот.

Се вчитува...