Солбакен: Имавме поголема ментална сила, имаме вежбано „10 на 11“

Вардар потклекна во Данска во последните 15 минути. Имаше резултат што го води понатаму (2-1) и играч повеќе на теренот, но ФК Копенхаген успеа да постигне два гола и да слави со конечни 4-1, што е и повеќе од доволно за да го продолжи патот во Лигата на шампионите. На Вардар му останува да жали за пропуштената шанса, што веројатно нема да ја има никогаш повеќе, барем во следните неколку години, со оглед дека се менува и системот на натпреварување во квалификациите за ЛШ.

Тренерот на данскиот првак, Стале Солбакен, вели дека решавачка била менталната сила на неговиот тим.

„Имавме поголема ментална сила, не потклекнавме ниту кога беше тешко. Ниту на 1-1, на голот што го постигнаа од единствената шанса во првиот дел, ниту кога беше исклучен Грегуш, а ние бркавме трет гол на 15 минути пред крајот. Успеавме да го постигнеме само неколку минути откако останавме со играч помалку. И тоа го имаме тренирано, како да се однесуваме на теренот кога сме „10 на 11“. Среќни сме што и оваа сезона ќе бидеме долго во Европа. Во 12 сезони, тоа на клубот му успева веќе 11 пати, и тоа не е случајност“, изјави Солбакен на прес – конференцијата по натпреварот.

Се вчитува...