Солбакен: Против Вардар мора да пронајдеме подобар ритам

На данскиот првак ФК Копенхаген не му оди најдобро на стартот од сезоната, а доказ за тоа е и мечот без голови што го одигра против Хобро во домашниот шампионат. Ова се одлични вести за македонскиот шампион Вардар, кој в среда, на 2. август, треба да гостува во Данска, во реванш натпреварот од третото квалификациско коло од Лигата на шампионите. Со евентуален успех, „црвено-црните“ ќе го направат најголемиот европски успех во клупската историја, и ќе обезбедат најмалку групна фаза во Лигата на Европа, но и плејоф коло во ЛШ.

Тренерот на ФК Копенхаген, Стале Солбакен, сепак, се надева дека неговиот тим ќе одигра на потребното ниво на значајниот реванш натпревар против Вардар.

„Немавме добар ритам на мечот против Хобро. Бавно ја движевме топката, не создадовме доволно шанси пред противничкиот гол и имаше многу грешки при додавањата. Тоа противникот знаеше да го искористи, а можеше и уште посурово да не казни. За европскиот дуел со Вардар едноставно мора да пронајдеме подобар ритам. Верувам во овој тим и се надевам дека фудбалерите ќе одиграат најдобро кога ќе биде најпотребно“, изјави тренерот на ФК Копенхаген за данските медиуми.

Се вчитува...