Солскјер: Не размислував двапати на повикот од „Олд Трафорд“

Оле Гунар Солскјер денеска  првпат и се обрати на јавноста како менаџер на Манчестер јунајтед. Легендарниот напаѓач на „црвените ѓаволи“ дојде на клупата како времено решение по смената на Жозе Мурињо.

Солскјер како играч остави голем белег на „Олд Трафорд“, а како тренер го предводеше резервниот тим на Јунајтед, велшкиот Кардиф и норевшкиот Молде од каде пристигна како еден вид позајмица во Јунајтед.

На своето прво обраќање како менаџер на Манчестер јунајтед истакна дека размислувал двапати кога стигнал повикот од „Олд Трафорд“.

„Се разбира дека немав дилема. Не размислував двапати кога ме викнаа да потпишам како играч, а ова сега е веќе чест и привилегија да му помогнам на клубот во наредните месеци. Засега овде сум до крајот на сезоната, пет или шест месеци за да помогнам додека клубот заврши со потрагата по следниот тренер. Што се однесува до играчите, тие се фудбалери, среќни се, добро расположени. Секој пат кога ќе запознаете нови луѓе возбудени сте. Неколку од фудбалерите ги познавам бидејќи ги водев во резервниот тим и беа извонредни“ – истакна Солскјер за своите први впечатоци по преземањето на тренерската функција.

Манчестер јунајтед под водство на Мурињо одигра лоша полусезона, а на прашањето дали пласманот може да се поправи во наредниот период, Солскјер рече дека тој нема сега да ги поставува целите.

„Мислам дека првата работа е следниот натпревар, мора да ги вградам своите принципи во овие момци, да им помогнам да разберат како сакам да играат. Подоцна ќе ги гледаме резултатите и ќе видиме колку бодови може да освоиме. Клубот освои многу бодови и претходно, но јас сега нема да поставувам цели“ – рече новиот тренер на Манчестер јунајтед.

Норвежанецот откри и кое е неговото мото како тренер на „црвените ѓаволи“

„Бидете деца кои сакаат да играат фудбал и излезете пред најдобрите навивачи на светот“- рече Солскјер.

Своето деби на клупата на Манчестер јунајтед ќе го има утре на гостувањето во Велс против својот поранешен тим Кардиф.

Се вчитува...