Солскјер не сака да загуби уште едно полуфинале, Севилја знае како се победува Јунајтед

Вечерашниот дуел меѓу Севилја и Манчестер Јунајтед ќе го даде името на првиот финалист во Лигата на Европа, пресметка што би требало да донесе крајно неизвесен фудбал и тактичко надмудрување на Лопетеги и Солскјер.

Оле Гунар Солскјер успеа да го внесе Јунајтед во победнички ритам во вториот дел од сезоната, обезбеди место во ЛШ, но тимот игра крајно променливо во завршницата од ЛЕ, ремизирајќи на реваншот со ЛАСК во осминафиналето, за во четвртфиналето дури по продолженија да го скрши отпорот на Копнехаген. Севилја е поквалитетен тим од двата претходни ривали, а згора на тоа Солскјер се надева дека неговиот тим конечно ќе успее да ја мине полуфиналната пречка откако беше елиминиран во оваа фаза и од ФА Купот и од лига-купот на Англија.

„Секогаш тешко паѓа кога ќе се загуби полуфинале, бидејќи си толку блиску до финалето и борбата за пехарот. Не сакам да загубиме уште еден ваков меч и верувам дека ќе бидеме на висина на задачата. Севилја е одличен тим, игра беспрекорен пресинг и сигурно ќе решаваат најситни детали“, истакна Солскјер.

Севилја во четвртфиналето го елиминираше Вулверхемптон со гол во самиот финиш, а сега шпанскиот тим го очекува нов дуел со ривал од Премиер-лигата. Клубот од Андалузија има позитивен скор од последните дуели со Јунајтед, успевајќи да ги елиминира „црвените ѓаволи“ од Лигата на Шампионите пред две сезони.

„Јунајтед има извонреден тим преполн со врвни фудбалери кои знаат како да го решат натпреварот со еден единствен потег. Ќе мораме да бидеме внимателни, но сигурно нема да отстапиме од нашиот стил на игра“, порача стратегот на Севилја, Хулен Лопетеги.

СЕВИЛЈА – МАНЧЕСТЕР Ј.

Севилја: Буну, Навас, Карлос, Кунде, Регулион, Банега, Фернандо, Џордан, Сусо, Окампос, Ен Несири.

Отсутни: Корчиа.

МАНЧЕСТЕР: Ромеро, Ван Бисака, Вилијамс, Мегвајер, Бејли, Матиќ, Фернандеш, Погба, Гринвуд, Марсијал, Рашфорд.

Отсутни: Џонс, Шо.

Се вчитува...