Солскјер: Секогаш може подобро, ајде еднаш да не примиме гол…

Фановите се воодушевени, Манчестер Јунајтед врза три победи играјќи извонреден фудбал и постигнувајќи 12 гола под негово водство, но Оле Гунар Солскјер не дозволува да завладее еуфорија во таборот на „црвените ѓаволи“. Свесен дека во периодот што доаѓа пред неговиот тим ќе следат уште поголеми предизвици, норвешкиот стратег им порача на своите избраници дека очекува уште подобри изданија во иднина, особено кога станува збор за играта во одбрана.

„Знам дека сите се задоволни, но моја работа како тренер е секогаш да барам повеќе, да најдам дел од играта во кој треба да се поправиме. Ајде еден натпревар да не примиме гол, да ја подобриме и играта во дефанзива. Знам дека лигата е тешка, дека не смееш ниту за момент да си дозволиш да дојде до пад на концентрацијата, тоа е она што ќе мораме да го научиме и да го примениме. Во секој случај, одигравме многу подобро отколку против Хадерсфилд, целосно го доминиравме темпото и не дозволивме нивниот гол да не исфрли од ритам“ – истакна Оле Гунар Солскјер.

Манчестер јунајтед во следното коло му гостува на Њукасл, а потоа Солскјер ќе го има и првиот дерби-дуел на клупата на „ѓаволите“, на гостувањето против Тотенхем закажано за 13 јануари.

Се вчитува...