Сонот е исполнет – МЗТ Скопје по четири години се враќа во АБА1!

МЗТ Скопје ја чекираше картата за „Јадранот“ откако славеше во полуфиналето од АБА2 лигата против Широки Бријег со 75-71. Натпреварот го отслика изедначено темпо во кое и покрај тоа што МЗТ Скопје успеваше да стигне до посакувана предност, истата не успеавше да ја задржи, па во неизвесната завршница Мекиќ херојски го спречи Иванов да донесе дополнителни пет минути за големо славје во СЦ „Јане Сандански“.

Со самиот пласман во финалето МЗТ Скопје се враќа на големата сцена во регионалната кошарка со оглед на тоа што вториот финалист е српски тим, а Србија не може да има директен шести претставник во АБА1.

Агресивната одбрана преовладуваше на паркетот на отварањето на средбата па ни двата тима не успеаја да го најдат напаѓачкиот ритам, а границата на двоцифрен број поени беше надмината во шестата минута од средбата. Широки одигра добро под обрачот на МЗТ Скопје, аеродромци стигнаа до поени од втора шанса, а и покрај тоа што не ги служеше шутот за три поени, Дејвис одговори со две тројки во самата завршница на првата четвртина за минимална негатива на „сино-белите“ (19-20). Изедначениот натпревар продолжи и во втората четвртина во која на момент продолжи добрата реализација на аеродромци зад линијата 6,75, но македонскиот состав не успеа да направи предност. Широки Бријег продолжи да ја темели својата игра во рекетот, но штом аеродромци ја вратија агресивнсот во одбраната, стигнаа и до лесни поени па поведоа со 36-27. Сепак МЗТ Скопје не успеа да го задржи напаѓачкиот ритам, а лошата креација во нападот дозволи враќање на противникот кој имаше шанси и да поведе, но откако не ги искористи истите, следеше казна од Дејвис и Војдан Стојановски кои со две тројки ја вратија предноста на +5 (44-39) на полувремето.

Почетокот на второто полувреме беше целосно во знакот на МЗТ Скопје кој успеа да го најде ритамот во нападот, а беше и на врв на задачата во одбрана каде го примора Широки Бријег на тешки обиди од неизградени позиции за три и пол минутен пост па успеа да поведе и со двоцифрена предност (54-41). Четвртата лична грешка на Рикиќ сепак ги промени работите на паркетот. МЗТ Скопје ја загуби заштитата на рекетот, а агресивната одбрана на противникот создаде проблеми во креацијата на аеродромци кои во следните шест минути постигнаа само шест поени за 60-56 пред одлучувачката четвртина. Во неа акцентот продолжи да биде ставен на одбраната, а и покрај тоа што составот од БиХ продолжи да наоѓа решение во рекетот на македонскиот тим, како што одминуваа минутите „сино-белите“ го затворија овој сегмент од играта. А, и покрај тоа што нападот на избраниците на Петровиќ не фукнционираше на претпознатливото ниво, Дамјан Стојановски одговори капитенски, реализираше на положување, погоди и тежок обид за три поени па го донесе својот тим до предност од 70-63.

Сепак тајм-аутот на Јусуп не дозволи сведување на натпреварот во мирна завршница. Зонската одбрана на Широки продолжи да прави проблеми во нападот на МЗТ Скопје па гостите стигнаа на негатива од 70-68, а имаа шанси и за целосен камбек. Николов со звукот на сирената донесе предност од 72-68, а „металците“ продолжија да имаат позитива од два напада се до 50. секунда до крајот кога Божиќ од линијата за слободни фрлања ја намали предноста на 73-71, а откако МЗТ не реализираше во следниот напад, Широки имаше шанса со положување да донесе изедначување на две секунди пред крајот, но херојот на МЗТ Скопје беше Мекиќ кој со блок го спречи Иванов, а Стојановски со мираната рака од линијата за слободни фрлања донесе финале.

Дамјан Стојановски со 17 поени и 5 скока беше прво име во редовите на МЗТ Скопје, додека него го следеа Дејвис со 14 поени и Рикиќ со 10 поени и 7 скока. Билиновац го предводеше Широки Бријег со 20 поени, 6 асистенции и 5 скока, додека Божиќ на дабл-даблот од 14 поени и 12 скока додаде и 6 асистенции.

Се вчитува...