„Сопка“ за Лајпциг во Франкфурт

Лидерот Лајпциг се „сопна“ во трката за титулата во Бундес-лигата откако попладнево загуби со 2-0 на гостувањето против Ајнтрахт. Фудбалерите на Лајпциг се наоѓаа во извонредна серија од девет меча без пораз (осум победи и едно реми, во Дортмунд против Борусија), но овојпат капитулираа пред мотивираниот домаќин, кој успева да се разбуди на стартот од вториот дел од сезоната по слабите настапи во есенскиот шампионат.

Клучен момент беше третата минута од второто полувреме, кога Туре биеше прецизно на асистенција на Хинтерегер од работ на шеснаесетникот. На 2-0 во судиското продолжение зголеми Филип Костиќ, за огромна победа на Ајнтрахт над лидерот на табелата.

Лајпциг сега има само еден бод повеќе од Борусија Менхенгладбах, откако оваа екипа со пресврт стигна до победа од 3-1 над Мајнц. Гостите поведоа со 0-1, но Плеа со два гола донесе огромна радост меѓу домашните фанови во Менхенгладбах. Конечните 3-1 со гол во 90. минута ги постави Нојхаус.

Унион Берлин ја искористи предноста на домашниот терен против Аугсбург, триумфирајќи со 2-0, додека „фенерџијата“ Падерборн изненади со добра игра и победа на гостувањето против Фрајбург (0-2).

Интересно беше и во Волфсбург, каде домаќините и покрај водството од 1-0 на крајот загубија со 1-2 од Херта. Лукебакио беше стрелец на победничкиот погодок за гостите од Берлин во 90. минута од натпреварот.

Се вчитува...