ЕКИПА во Рим, Италија
Никола Станикевски
Македонскиот национален тим, вечерва од 20:45 часот го очекува натпревар против Италија во Рим, во рамките од 7. коло во квалификациите за пласман на ЕП 2024 година. За Македонија овој натпревар нема никакво значење, освен евентуално подобрување на скорот, со оглед дека загубени се сите шанси за пласман на ЕВРО идната година во Германија. Но, затоа овој меч има големо значење за Италија, која и натаму се бори за пласман на Европското првенство.
За Италија евентуален нов неуспех против Македонија би бил катастрофа, со оглед дека ги пропуштија последните две Светски првенства, а влегуваат во оваа пресметка како актуелни европски прваци, каде што имаат амбиции да ја бранат титулата освоена на ЕП 2020 година, кое поради пандемијата се одржа година подоцна.
Селекторот Милевски нема да отстапува од истата формација како на последните квалификациски натпревари, но овојпат со две измени во составот, за разлика од мечот со Украина во Прага, кога Украинците славеа триумф со 2-0.
Во првиот тим на десната страна оди Бојан Димоски, додека во средината на местото на Атанасов, ќе стартува Аријан Адеми, кој по долго време се враќа во стартниот состав на еден квалификациски натпревар.
Димитриевски на голот, во одбраната Серафимов, Муслиу и Манев, на крилните позиции Димоски и Алиоски, во средината Адеми и Елези како подефанзивно, и Барди понапред, и во нападот Елмас и Миовски се очекува да биде стартниот тим за дуелот кој вечерва ќе се одигра во Рим. Ќе го нема херојот од Палермо Трајковски кој е повреден иако отпатува со националниот состав, а тука ќе биде стрелецот на голот во Скопје, Енис Барди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА