Совладан и Хајдук, титулата е на дофат за Ристовски и за Жута

Ријека направи уште еден огромен чекор напред кон шампионската титула во Хрватска, откако тимот на нашите Стефан Ристовски и Леонард Жута славеше на дерби дуелот против Хајдук со 2-0, задржувајќи ја предноста од пет бода во однос на Динамо Загреб на три кола до крајот на сезоната.

Избраниците на тренерот Кек експресно го надминаа разочарувачкиот пораз од Локомотива во минатото коло, па денеска одиграа беспрекорно на „јадранското дерби“, уште во првото полувреме разрешувајќи ги сите дилеми околу победникот. Малеш во 14. минута со прекрасен удар од над 25 метри го отвори резултатот, а конечните 2-0 ги постави Гаврановиќ веќе во 30. минута.

Ријека има „плус пет“ во однос на Динамо, но трката за титулата е далеку од завршена ако се знае дека „белите“ во последното коло на „Максимир“ ќе му гостуваат на актуелниот првак. Токму затоа, Ристовски, Жута и останатите фудбалери на Ријека не смеат да си дозволат „кикс“ во следните две рунди, во кои најпрвин ќе му гостуваат на Славен Белупо, а потоа ќе ја пречекаат Цибалија, за уште пред тоа последно дерби да ги разрешат сите дилеми во битката за титулата.

фото: sportske.jutarnji.hr

Се вчитува...