Совршенство – Баерн прв во историјата со 11 победи до врвот на Европа

Баерн Минхен стигна до шестата титула европски првак, воедно испишувајќи историја како прв клуб што се искачил на тронот со максимален ефект на сите натпревари што ги одиграл во елитното европско натпреварување. Баварскиот гигант сезонава одигра 11 средби во ЛШ и забележа исто толку победи, апсолутен доказ за доминацијата и заслужената европска круна за оваа екипа.

За потсетување, Баерн првиот европски меч сезонава го одигра на домашен терен против Црвена Звезда, рутински славејќи со 3-0. Потоа следеше застрашувачкиот триумф од 2-7 среде Лондон над Тотенхем, па две победи над Олимпијакос. Баварците на „Маракана“ ја декласираа Црвена Звезда со 0-6, по што во последното коло покажаа милост кон Тотенхем, совладувајќи го „само“ со 3-1.

Серијата на казнената експедиција продолжи со импресивниот триумф од 0-3 над Челси во Лондон, а ритамот не беше нарушен ниту со паузата поради коронавируст. Кога фудбалските возбудувања продолжија, Баерн славеше и на реваншот против Челси (4-1), по што следеа и три нови победи на Ф8 турнирот во Лисабон, онаа со импресивни 8-2 над Барселона, па со 3-0 над Лион и денешните 1-0 во големото финале против ПСЖ.

Застрашувачка серија на тимот што ќе остане запишан во историјата како прв што со максимален број на победи стигнал до титулата.

Се вчитува...