Созовски, нов тренер за Пелистер, потпишани двајца Американци и Голубовиќ

Кошаркарите на Пелистер вечерва стартуваа со подготовки за наредната сезона, во која „пелистерци“ ќе ги предводи нов тренер, Предраг Созовски, а дојде до промени и во играчкиот кадар на тимот.

„Сакам да се заблагодарам за довербата и поддршката која ми ја даде Управата на клубот и имаме исти амбиции. Јас пред десет години бев тренер на Пелистер кога екипата има големи амбиции, но за жал сето тоа траеше кратко. Сега се враќам во Пелистер со иста идеја, со иста цел, прво да го стабилизираме клубот на сите нивоа, почнувајќи од базата – младинските школи до првиот тим, а Пелистер треба да биде дом на сите кошаркари. Околу првата екипа ќе кажам дека имаме стабилен буџет, што е добро, но за прволигашки услови е скромен, со надеж дека ќе биде подобро. Со овој буџет формиравме екипа, која со добра работа, достојно ќе им се спротистави на сите екипи во лигата, што нема да биде ни малку лесно“ – истакна Созовски на денешната прес-конференција.

Битолчани информираа дека се потпишани договори со двајца Американци, Тај Харис и Фил Рејнолдс, ангажиран е и крилниот центар Михајло Арсовски, а од ланскиот состав има договор за новта сезона и со Мико Голубовиќ.

„Екипата на Пелистер оваа сезона ја започнува подготвено со определен буџет, а во тек е потпишувањето на договорите со кошаркари кои играа лани и со засилувањата. Сезонава имаме амбиции да влеземе во шесте екипи во разигрувањето, повеќе да не се повтори ланската сезона да бркаме опстанок, односно да бидеме чекор понапред, да напредуваме“ – изјави претседателот на КК Пелистер, Сашко Наумов.

Се вчитува...