СП ракомет жени: Данска е во полуфиналето, Бразил издржа само едно полувреме

Данска e првата репрезентација што обезбеди пласман во полуфиналето од ракометниот мундијал за жени, откако оваа скандинавска селекција славеше над Бразил со резултат 30-25.

Данките влегоа како големи фаворитки во четвртфиналната пресметка, но во првото полувреме се мачеа да го пронајдат посакуваниот ритам во нападот. Голманката Сандра Тофт блескаше на голот на Данска, па токму поради нејзините одлични интервенции Данска замина на одмор со предност од 14-13. Бразилките не можеа да го издржат темпото и во вториот дел, концентрацијата во одбраната им опадна, а заморот ги стигна бековите кои речиси и да немаат ротација во составот во текот на ова четвртфинале. Данските ракометарки знаеја како да го искористат тоа, успеаја навреме да се одлепат резултатски и во завршница без преголеми возбудувања да слават со пет гола разлика.

Сандра Тофт со 18 успешни интервенции беше најзаслужна за триумфот на Данска.

Данска во полуфиналето ќе се сретне со победникот од дуелот меѓу Шведска и Франција.

Се вчитува...