Наполи на најдобар можен начин ја стартуваше новата сезона во Серија А, а овој викенд тимот на Спалети забележа уште една победа со која ја продолжува одличната низа без пораз. Ваквиот исход на Наполи му носи прво место на табелата, па со ваквиот пристап на игра само уште еднаш ги потврди своите големи амбиции.
На „Диего Армандо Марадона“ со минимални 1-0 беше совладан тимот на Торино, а творец на победата на наполитанците беше Виктор Осимен, на асистенција на нашиот Елиф Елмас. По натпреварот Лучијано Спалети не го криеше задоволството од остварената победа, па даде коментар за играта на македонскиот репрезентативец.
„Со победата над Торино им даваме дополнителен мотив на противниците да нè победат. Сега сите се против нас. Вечерва можеби некои фудбалери потфрлија, но добро е што имам квалитетни играчи и на клупата за резерви. Осимен е силен и голем работник, а Елмас е исклучително момче, кое влегува со голем ентузијазам и поминува километри дури и кога не е потребно. Тоа е одлична работа“, рече Спалети.
Наполи за противник во следното коло ќе ја има Рома, која синоќа забележа минимален пораз од Јувентус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА