Спалети: Јувентус е напред, но Интер не се откажува од скудетото

Тренерот на Интер, Лучијано Спалети, е задоволен од тимот што го има на располагање во новата сезона, најавувајќи дури и борба за шампионската титула. Искусниот стратег е свесен дека Јувентус е голем фаворит во трката за скудетото, но и најавува дека неговиот тим е подготвен да го казни секој „кикс“ на актуелниот првак.

„Добро сме подготвени, одлично се засиливме, ова е тимот што го посакував на почетокот од преодниот рок. Имаме причина за оптимизам пред стартот на сезоната, играме добар фудбал и можеме уште повеќе да напредуваме. Борба за скудетото? Зошто да не, способни сме за такво нешто. Реално, Јувентус е напред, но ние сигурно нема да се откажеме“ – истакна Спалети.

Интер во првото коло му гостува на тимот на Сасуоло, натпревар на кој Спалети се соочува со значителни проблеми. Наинголан и Жоао Марио дефинитивно не се во тимот, крајно неизвесен е и настапот на Шкриниар, додека двајцата хрватски интернационалци, Перишиќ и Врсаљко, не се доволно физички подготвени и мечот ќе го почнат од клупата за резерви.

Се вчитува...