Спас во последен час: Сметката одблокирана, Куманово ќе плати и ќе игра

Екипата на Куманово викендов ќе продолжи со настапи во кошаркарската Супер-лига, откако во последен час ги реши финансиските проблеми, за да може да ја плати првата рата од долгот кон МКФ и да продолжи да се натпреварува во елитното друштво. За потсетување, кумановци го загубија службено вчерашниот дуел со Кожув откако до крајот на месец април не ја платија првата рата од долгот кон куќата на кошарката, а се соочуваа со сериозна опасност доколку не платат денеска да загубат без борба уште еден меч – што ќе значеше и преселба во понизок ранг на натпреварување.

Според нашите информации, кумановци имале пари на сметка и во изминатите денови, но неочекувано биле блокирани од страна на Управата за Јавни Приходи поради наталожени долгови од минатата управа на клубот. Во текот на денешниот ден блокадата е симната, со што поранешниот вицешампион на Македонија ќе може да го плати долгот кон МКФ и без проблеми да го заврши натпреварувањето во елитното друштво.

Куманово утре ќе ја пречека екипата на Блокотехна во рамките од петтото суперлигашко коло.

Се вчитува...