Спас за Милан: Доаѓа француски газда и го враќа Алегри за тренер

Милан ја почна и новата сезона со променливи игри, уште еднаш потврдувајќи дека некогашниот гигант нема сили да се носи со елитата на италијанскиот фудбал. Американските газди на клубот се обидоа со враќање на Малдини и Бобан, кои добија целосна слобода со формирање на тимот, но и тоа не се покажа како премногу добар потег, па сега сопствениците на Милан се подготвени да го продадат клубот.

Семејството Елиот веќе почнало преговори со францускиот милијардер Бернар Арно, кој и претходно покажуваше интерес, но сега веќе испратил и прва официјална понуда за да го преземе клубот од „Сан Сиро“. Таа била со висина од 960 милиони евра и веднаш била одбиена, Американците бараат 1,2 милијарди евра за целосно преземање на клубот, но и кај двете страни постои оптимизам дека разликата може да биде пребродена и дека Aрно до крајот на годинава би можел да застане на чело на Милан.

А францускиот милијардер веќе има избрано и тренер за својот проект – Масимилијано Алегри. Трофејниот стручњак неколку месеци е без ангажман по заминувањето од Јувентус и е заинтересиран за враќање на клупата на Милан, тимот на кого му го донесе последното скудето во 2011 година. Неизвесна е и судбината на Бобан и Малдини, кои би можеле да останат во клубот, но сигурно не како први оперативци задолжени за трансфер-политиката на „росонерите“.

Се вчитува...