Спектакл во чест на Николче Новески на 2. септември на „Опел арената“ во Мајнц

Едно од најголемите фудбалски имиња во независна Македонија, Николче Новески својата играчка кариера ја заврши на 23. мај 2015 година со последниот настап во Бундеслигата за Мајнц. Од тогаш нема настап, но немаше ни натпревар во негова чест со кој би се одбележала неговата извонредна кариера во клубот за кој има 255 натпревари во Бундеслигата.

Токму затоа за 2. септември на „Опел арената“ во Мајнц е предвиден спектакл во чест на поранешниот македонски репрезентативец кој уште еднаш ќе се поздрави со огромната армија фанови, а на кој бројни истакнати фудбалски имиња ќе продефилираат потенцирајќи го значењето на Новески за Мајнц и германскиот фудбал.

„Да, поканив голем број стари пријатели, голем број фудбалски имиња од цела Европа. Чест ќе ми биде што ќе заиграм повторно на мојата арена во Мајнц и пред моите навивачи. Верувам дека ќе биде едно убаво големо дружење“ – вели Новески за настанот на 2. септември на кој се очекува присуство и на неговиот голем пријател, актуелниот тренер на Ливерпул, Јирген Клоп.

Утре, на хуманитарен натпревар заедно со Новицки, Клосе, Кречмар, Хакинен…

Но, Николче Новески, претходно, и веќе утре ќе игра на „Опел арената“ во Мајнц на хуманитарниот натпревар „Шампионите во име на хуманоста“ во организација на фондацијата на Дирк Новицки.

Утре од 19 часот во Мајнц ќе се собере комплетниот спортски џет-сет од Германија во хуманитарен натпревар во чест на Михаел Шумахер, а под организација на Дирк Новицки.

На утрешниот хуманитарен настан Николче Новески ќе биде во друштво на Мик Шумахер, Мирослав Клосе, Мика Хакинен, Бернд Лено, Свен Ханавалд, Тимо Хилдербранд, Паскал Хенс, Симон Ролфес, Стефан Кречмар, Дејвид Култхард, Патрик Омовојела, Јан Хенрик Јагла, Жералд Асамоах, Кристијан Шварцер…

„За мене е огромна чест што ќе бидам дел од овие спортски ѕвезди и тоа на еден натпревар со хуманитарен карактер“ – вели Новески.

Се вчитува...