Спектакл во „Стејплс центарот“: Леброн погоди за продолжение, па се претвори во трагичар

ЛА Лејкерс и Сан Антонио го одиграа натпреварот на вечерта во НБА лигата. Сан Антонио во меч кој ќе остане за паметење на крајот славеше по продолжение со 142-143.

Лејкерси натпреварот го почнаа катастрофално, Спарси стигнаа до предност и од 26-40 во еден момент, но „езерџиите“ се вратија во вториот период и стигнаа на полувреме до негатива од само пет поени, 60-65.

Во второто полувреме се играше крајно израмнето, постојано во размена на водство на двете екипи, за да на три секунди пред крајот Леброн Џејмс погоди тројка за 128-128 и продолжение.

Лејкерси во продолжението константно беа во водство, се до финишот, кога Леброн се претвори во трагичар. При резултат 142-141 за Лејкерси, на 13 секунди до крајот Леброн ги промаши двете слободни фрлања а потоа Мајлс погоди за водство на Сан Антонио. На крајот Леброн повторно презеде се во свои раце, но го промаши и последниот шут за два поени.

Најдобри во победничкиот тим беа Олдриџ со 37 поени и ДеРозан со 32 поени, ддоека кај Лејкерси 37 поени постигна Кузма, а Леброн Џејмс мечот го заврши со 32 постигнати поени. Леброн беше блиску и до „трипл-дабл“ со 14 асистенции и 8 скока.

ЛА Лејкерс по овој натпревар имаат скор од 0-3 на стартот на сезоната заедно со Оклахома на последното место на Западот. Сан Антонио, пак, има две победи и пораз.

Се вчитува...