Според Скај спортс: Енис Барди во десет најдобри фудбалери на ЕП во Полска!

Македонскиот репрезентативец Енис Барди е избран во десетте најдобри млади фудбалери на Европското првентство во Полска, кои според специјалистот за скаутинг Роб Мекензи оставиле најголем впечаток и дефинитивно ќе бидат на удар на голем број клубови по европскиот шампионат.

„Би бил крајно изненаден ако Енис Барди и следната година го видам во дресот на Ујпешт“ – вели Мекензи во својата анализа за „Скај спортс“, притоа детално опишувајќи ги сите квалитети на македонскиот репрезентативец со анализа зошто би бил интересен за големите европски клубови.

„Еден од помалку познатите фудбалери на ЕП кој ги импресионираше скаутите досега е Енис Барди. Но, оние кои се повеќе запознаени со унгарската лига и со неговите континуирани настапи во македонската репрезентација сигурно ќе бидат помалку изненадени на неговите перформанси, посебно ако знаат дека имаше 13 гола и седум асистенции за Ујпешт изминатава сезона. Тој пропушти само 92 минути од вкупно 900 во квалификациите за Македонија, а неговиот квалитет беше импресивен на ЕП.

Прецизноста на неговото проигрување заедно со извонредната техника на шут го прави несомнено опасен во последната третина од играта. Сето тоа го покажа против Португалија, и со постигнатиот гол. Неговиот недостаток на физички и природен атлетизам би можел да биде дискутабилен за скаутите, но јас сепак би бил изненаден да го видам во Ујпешт и следната сезона“ – вели Роб Мекензи во својата анализа, навестувајќи далеку поголем клуб за Барди од ова лето.

mkd spanija4 bardi

Покрај Енис Барди, според Роб Мекензи, останатите девет имиња кои сигурно се издвоиле досега на ЕП 2017 во Полска се и Елфи Мосон и Теми Абрахам од Англија, Милан Скриниар од Словачка, Марко Асенсио и Саул Нигез од Шпанија, Лоренцо Пелегрини и Федерико Бернардески од Италија и Макс Мејер и Марк-Оливер Кемпф од Германија.

Како што претходно пренесовме, огромен број скаути беа присутни на натпревари од групната фаза на ЕП во Полска. Од македонската селекција, според нашите информации, и тоа како интересни за скаутите на големите европски клубови се издвоија и Бобан Николов од Вардар и Елиф Елмас од Работнички.

Се вчитува...