„Спорот е решен, Вардар ќе игра во ЛШ… ќе бараме повластен статус и во СЕХА“

Вардар денеска и официјално ги почна подготовките за новата сезона, со првата прозивка што ја одржа новиот тренер Веселин Вујовиќ.

Трофејниот стручњак обелодени и дека конечно е решен проблемот со ЕХФ околу котизацијата од еден милион евра што требаше да биде уплатена за „црвено-црните“ повторно да бидат дел од Лигата на Шампионите.

„Вчера имавме состанок со претседателот Михајловски, кој ни ја објасни ситуацијата околу проблемот со ЕХФ. Од она што јас го знам денеска како последна информација, тој спор е решен, Вардар дефиниивно ќе игра во Лигата на Шампионите“, обелодени Вујовиќ.

„Црвено-црните“ сезонава ќе се натпреваруваат од самиот почеток на Супер-лигата во Македонија, што ќе доведе до играње во пеколен ритам. Според Вујовиќ, тоа би можело да се избегне доколку Вардар биде поштеден од настап во првата фаза од СЕХА-лигата.

„Замислете да играме ЛШ во вторник или среда, па петок или сабота СЕХА, па понеделник домашно првенство, тоа никој нормален не може да го издржи. Разговарав со Михајловски и нашата идеја е да добиеме повластен статус во СЕХА, каков што сезонава имаа Веспрем и Мешков, кои се приклучија во главната фаза од натпреварувањето откако ги пропуштија групните натпревари“, вели тренерот на Вардар.

Се вчитува...