Македонските спортисти обединети во иницијативата „Спортисти против корона“ собраа значителни финансиски средства со кои се обезбедени заштитни маски, скафандери, ракавици, визири и пакети со храна, а првата донација е доставена до Клиниката за детски болести. Ракометарот на Еурофарм Пелистер, Горан Кузманоски, денеска ја предаде на здравствените работници.
„Како поинаку да почнеме освен со – Благодарност! Од срце ви се заблагодаруваме на сите Вас спортисти, спортски работници,клубови и компании кои земавте учество и дадовте поддршка на оваа иницијатива #спортистипротивКорона и овозможивте да биде вака успешна. Поддршката беше голема, но ќе ги издвоиме оние без кои иницијативата немаше да биде толку успешна: КК МЗТ Скопје, КК Гостивар, РК Еурофарм Пелистер, ОК Јанта Волеј, Наумче Мојсовски, Столе Стоилов, Иле Несторовски, Никола Митревски, Никола Ѓошевски, Филип Миркуловски, Баже Илијоски, Срѓан Захариевски, Гоце Георгиевски, Витаминка, Хотел Вигор.
Од собраните средства набавивме заштитни маски, скафандери, ракавици, визири и пакети со храна. Веќе е поделена првата донација и тоа до Клиниката за детски болести, а деновиве ќе бидат поделени и останатите до веќе договорените здравствени институции. Пакетите со храна ќе бидат наменети за социјално загрозените и во координација со невладиниот сектор истите ќе бидат поделени онаму каде се најпотребни.
Целта е остварена и ние сме посебно горди, но аплаузот сепак оди до здравствените работници и до сите оние кои се во првите редови во оваа заедничка борба!“, истакнаа иницијаторите на „Спортисти против корона“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА