Само еден час откако ФИФА и УЕФА ги суспендираа руските екипи и репрезентација од сите меѓународни натпреварувања, истото го направи и Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Извршниот одбор на ЕХФ на итниот состанок се повика на препораката на Меѓународниот олимписки комитет кој поради руската воена инвазија врз Украина, да се суспендира Русија и нејзините спортисти и екипи од сите меѓународни натпреварувања. Покрај тоа, суспензијата се однесува и на Белорусија, со своите репрезентации и клубови, што би значело дека Мешков Брест е дисквалификуван од групната фаза во ЛШ, во истата група во која се наоѓа и Вардар.
ЕХФ одлучи на неопределено време да ги суспендира сите руски екипи, меѓу нив е и ЦСКА Москва за која настапува македонската репрезентативка Сара Ристовска, а руските и белоруските судии исто така нема да бидат делегирани за идните натпревари. Квалификациите за европското првенство во ракомет на плажа кои требаше да се одржат јули годинава во Москва, ќе се одржат во друг град.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА