Спортска среда во Калчо-лигата: Јуве со Роналдо, Милан без Ибрахимовиќ…

Денешниот ден ќе донесе нови интересни натпревари во Калчо-лигата, каде Интер успеа да се одлепи во трката за скудетото, но суперинтересна станува борбата за преостанатите три места кои водат во Лигата на Шампионите.

Милан ќе го пречека Сасуоло, меч на кој „росонерите“ повторно ќе бидат без Златан Ибрахимовиќ. Швеѓанецот се жали на болка во мускулот, а Пиоли не сака да ризикува во клучниот дел од сезоната, па нападот на „росонерите“ и на денешниот дуел исто како и во неделата против Џенова ќе го предводи Леао. Покрај Ибрахимови, кај Милан ќе недостигаат и Тео Хернандез и Бенасер. Гостите ќе бидат засилени со Берарди, кој се врати во голем стил на последниот дуел со Фиорентина и ќе биде главен адут на Сасуоло на „Сан Сиро“.

Јувентус ќе ја пречека Парма во 20.45 часот, дуел на кој „старата дама“ ќе биде засилена со враќањето на Кристијано Роналдо. Португалецот не настапи поради повреда против Аталанта, но ќе се врати во тимот за дуелот со Парма. Покрај него се враќа и дефанзивецот Бонучи, но Пирло нема да може да смета на Киеза.

Интер гостува на Специја, меч за кој Антонио Конте најави дека нема да ротира првотимци туку со најсилните единаесетмина ќе тргне по трите бода. Желбата е јасна – „нероаѕурите“ што поскоро да ја осигураат титулата, пред да влезат во серијата незгодни дерби дуели со Рома и со Јувентус во 36. и во 37. коло.

Се вчитува...