СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Кои беа репрезентативци на Југославија од Македонија?

Од Кузман Сотировиќ до Кирил Симоновски и Дарко Панчев

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Поголем број фудбалери од Македонија имаат настапувано во разните селекции на поранешна Југославија, почнувајќи од А репрезентацијата па се до младинската и аматерската која играше во тогашниот Куп на Европа.

Веќе напишавме порано, што беше и големо изненадување за нашите читатели дека прв репрезентативец од Македонија, кој го облече дресот на поранешна Југославија, беше за поголем број љубители на нашата држава, особено за помладата генерација, анонимниот Кузман Сотировиќ, роден во тетовското село Стенче, кој во триесеттите години настапуваше за познатиот белградски клуб БСК. Тој има одиграно пет меча во дресот на Југославија, дебитираше на средбата со Романија на 6 мај 1928 година (3:1) постигнувајќи два гола.

Кузман Сотировиќ е и прв олимпиец од Македонија, играше за репрезентацијата на Југославија на Олимписките игри во Амстердам 1928 година против Португалија (1-2).

Кирил Симоновски –Џина е прв фудбалер од Македонија кој беше и прв капитен на репрезентацијата на Југославија, на првиот меч по втората светска војна во далечната 1946 година во Прага кога Југославија ја победи Чехословачка со 2-0.

Југославија тогаш играше во состав: Монсидер, Станковиќ, Кокеза, Плеше, И.Хорват, Симоновски, Томашевиќ, Митиќ, Бобек, Ф. Матошиќ, Кацијан.

Симоновски има 11 настапи во синиот дрес.

За најдобрата А селекција на Југославија играа и Благоја Видиниќ (8), кој е и прв македонски фудбалер кој има златен медал од Олимписките игри во Рим 1960 година кога Југославија во финалето ја победи Данска со 3-1.

Беше силна таа репрезентација: Видиниќ, Рогановиќ, Јусуфи, Жанетиќ, Дурковиќ, Перушиќ, Анковиќ, Матуш, Галиќ, Кнез, Б.Костиќ. Потоа: Кирил Дојчиновски (6), Сократ Мојсов (3), Бошко Ѓуровски (4), Милко Ѓуровски (6), Методија Спасовски (3), Тони Савевски (2), Драган Канатларовски (1), Илија Најдоски (13), Вујадин Станојковиќ (22) и рекордерот по настапите за Југославија Дарко Панчев (25), постигнувајќи и 18 гола.

Да се вратиме на останатите селекции на поранешна Југославија. Прв фудбалер од Македонија кој настапил за Б репрезентацијата е Владо Николовски (1) на мечот меѓу Југославија и Романија одигран во Скопје на 29 септември 1957 година. И ова беше солиден состав, кој настапил на тој меч: Стојановиќ, Шијаковиќ, Николиќ, Калоперовиќ, Спаиќ, Резар, Николовски, Ивош, Веселиновиќ, Прљинчевиќ и Љ. Огњановиќ.

За Б репрезентацијата играа уште Славко Дацевски (4) и Кирил Дојчиновски (3).

Благоја Видиниќ е прв Македонец кој го облекол дресот на младата репрезентација на Југославија (играчи до 21 година) на мечот со Австрија во Загреб 1954 година. За младата играа уште Андон Дончевски (1), Сократ Мојсов (3) и Томислав Јанковски (1).

Благоја Видиниќ (3) и бекот на Вардар Предраг Лазаревски (3) ја имаа таа чест први од Македонија да настапат за младинската репрезентација на Југославија (играчи до 18 години) и тоа на Европското првенство во Франција кога Југославија го освои првото место совладувајќи ја во финалето Франција со 3-0 во 1951 година.

Интересен е и овој состав: Видиниќ, Станиќ, Рора, Карапанџија, Лазаревски, Стефановиќ, Лазиќ, Љубеновиќ, Милош Милутиновиќ, Жупар, Липушиновиќ.

За младинската репрезентација имаат играно и Лазар Мојсов (7), Раде Чапаревски (7), поранешниот гувернер на Народната Банка на Македонија Петар Гошев (3), Борче Милевски (2), Жарко Оџаков (2) и Трифун Стаматов (2), а на по еден меч настапиле: Атанас Џорлев, Павле Георгиевски, Петар Шулинчевски и Симеон Бундалевски.

Д-р. Раде Чапаревски беше втор Македонец кој беше капитен на една репрезентација на Југославија по Џина Симоновски. Тоа се случи на мечот на младинските селекции на Југославија и Грција (2-0).

Еве го тој состав: Шошкиќ, Радовиќ, Кошќак, Стаматов, Чапаревски, Петковиќ, Стипиќ, Галиќ, Совровиќ, Шекуларац, Бундалевски.

И во поранешна Југославија имаше аматерска репрезентација. Прв кој го облече аматерскиот дрес беше голманот на МИК Кирка Лазов (6), дебитираше на мечот Југославија-СР Германија (0-0) во Сисак. За аматерите играа и Ристо Глигоровски (5), Живко Ѓорѓиески (2), Јосиф Сребров (2) и Ванчо Балевски (1) меч.

Дел од младинската селекција на Југославија беа и Бобан Бабунски и Ерол Демир, поранешните фудбалери на Вардар и интернационалци.

Се вчитува...