СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Кошарка на фудбалски терен

Првото кошаркарско првенство во Македонија е одржано на 2 август 1946 година на Градскиот стадион во Скопје

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Помладите љубители на кошарката во нашата држава не можат ниту да замислат дека пред 70 години првиот кошаркарски меч е одржан на фудбалски терен, на Градскиот стадион во Скопје кој во тоа време беше во изградба, со одбојкарска топка, со кошови без мрежички…

Прелистувајќи го весникот „Нова Македонија“ од тоа време, кој беше единствен, ги немаше многу како денес, со многу оскудни спортски податоци, без многу фотографии, ги пронајдовме написите за првото одржано првенство на Македонија во кошарка, одржано на 2 и 3 август 1946 година во рамките на Вториот фискултурен слет. На првенството учествуваа три екипи. Македонија и Работнички од Скопје и Ванчо Прке од Штип. Во последен момент, не се наведени причините, учеството го откажа екипата на Куманово.

Меѓутоа, во текот на првенството, од неразбирливи причини, повеќе од некој инает, по поразот во првиот меч од Работнички со 30:8, првенството го напуштија кошаркарите на „Ванчо Прке“.

На средината на Градскиот стадион беше одбележан имровизиран кошаркарски терен, линиите беа исцртани со вар, кошовите беа направени од обично железо, немаа мрежички. Натпреварите се играа со одбојкарска топка, која беше многу полесна од вистинската, кошаркарска и тешко се уфрлаше во кошот, бегаше од него.

Интересно е да се одбелеши дека на овој прв официјален кошаркарски натпревар во Скопје по ослободувањето на поранешна Југославија, не се судеа лични грешки, ниту технички, времето се мереше рачно, со стоперица. Немаше тајм аут, се играше точно 40 минути, 2 x 20 минути. Најважно беше да се води правилно топката, и јасно, да се уфрли во кошот. Колку тоа беше тешко со оваа одбојкарска лесна топка, најдобро го покажуваше и резултатот од финалниот меч за првото место на кој Македонија го победи Работнички со 28:18. Па толку денес се постигнуваат голови на еден просечен ракометен натпревар. За кошови и да не спомнуваме.

Судеше само еден судија, Панче Пандилов, кој беше и претседател на Одборот на спортските игри на Македонија. Пред почетокот на првенството се учеа правилата на кошарката, многу работи не беа познати, но сепак ова првенството во Скопје привлече големо внимание бидејќи овој спорт во градот не беше многу познат во тоа време.

Успеавме да ги пронајдеме и составите на двата тима. За Македонија играа: Асен Николовски, Миха Илиевски, Перо Димовски, Константин Тодоровски, Константин Лешков, Јордан Димитровски, Никола Цветковски и Етем Омерагиќ.

За Работнички настапија: Славко Матовски, Драган Лукоски, Трајан Ивановски, Борис Анастасов, Атанас Радевски, Војче Димитровски, Илија Ќовкаров. ..

За жал, никаде не можевме да пронајдеме кој колку коша постигнал. Како наш првак, Македонија учествуваше и на првото Сојузно натпреварување, неофицијално прво првенство на Југославија во Белград на кое доживеа вистинско фијаско, бидејќи на првио меч загуби од Партизан со неверојатни 71:1.

Се вчитува...