СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Монт Еверест, белата гробница на Димитар Илиевски-Мурато (1)

Kако загина битолскиот алпинист Димитар Илиевски по освојувањето на највисокиот врв на светот Монт Еверест на 10 мај 1989 година

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Изминаа 31 години од еден од најголемите подвизи на македонскиот спорт, првиот човек од нашата држава кој успеа да го освои највисокиот врв на светот, Олимпот на Хималаите Монт Еверест, висок 8.884 метри. Сон на секој алпинист на светот, бела гробница за многумина храбри алпинисти кои својата преголема желба да стапнат на покривот на светот ја платија со највисоката и најскапата цена, со своите животи. Меѓу нив е и еден од најдобрите македонски алпинисти Димитар Илиевски-Мурато од Битола кој за секогаш остана под Монт Еверест /неговата најголема љубов и желба/ откако стапна на неговиот врв гледајќи го таа светла вечер целиот свет пред себе, бескрајните бели беспаќа на Хималаите, пределите покриени со вечен снег и мраз. Во тој момент сигурно и не помислуваше дека тоа ќе биде и неговото последно збогување со најсаканата планина на која и го има посветено животот.

Никогаш нема да дознаеме како се чувствувал во тој миг Димитар Илиевски, што размислувал додека ги гледал околните високи врвови на Хималаите, кои сега беа под него, под неговите нозе останувајќи повеќе од еден час горе над облаците, „шибан“ од силниот ветер, на температура од минус 40 степени кој тоа од преголема радост и не го чувствувал. Во тој момент заедно со Стипе Божиќ од Хрватска и Виктор Грошељ од Словенија со кои го победи Монт Еверест беше најсилниот човек на светот.

За последен пат, тука на врвот се поздравил со Стипе Божиќ и Виктор Грошељ, кои се приклучија кон македонската експедиција со желба заедно да се искачат на „покривот на светот“. Никогаш повеќе не ги виде не само нив двајца, туку и неговите другари од експедицијата со кои ги подготвуваше четирите базни логори на патот кон врвот, последен на височина од 7.700 метри, на 800 метри под Монт Еверест.

Тие последни 800 метри од последниот базен логор па се до врвот, сигурно најдолги и најнапорни во кусиот живот на Димитар Илиевски , му беа и најтешки. Нему, на Божиќ и Грошељ им беа потребни цели 15 часа за да ги минат. Колку е тоа долго и тешко, колку физички напор и издржливост се потребни, каква концентрација на таа височина, каде тешко се доаѓа без боца за кислород, не е потребно и да пишуваме. Чекор по чекор, стапка по стапка, некаде околу 17.30 часот /од базниот логор тргнаа околу 3 часот наутро/, прв на највисокиот врв на светот пристигна Димитар Илиевски, за првпат на оваа височина се развиори и македонското знаме.

Петнаесетина минути подоцна на врвот пристигна Божиќ со двајца непалски шерпаси Сонан и Аджива. Искусниот Божиќ, кој веќе еднаш ја има почувствувано убавината на Монт Еверест, откако, направи неколку фотографии на Илиевски, како и Илиевски на него, по десетина минути престој тргна назад, заедно со шерпасите. Не сакаше ништо да ризикува, времето почна да се влошува, почна да се стемнува, се закануваше долга и студена ноќ. Го повика и Илиевски заедно да тргнат кон логорот, но тој не го послуша, остана да го чека Виктор Грошељ, на тој невиден студ и силниот ветер, кој се закануваше да го збрише од врвот и да го струполи во една од многуте длабоки хималајски бездни од кои нема враќање.

Тоа беше сигурно големата и трагична грешка на Илиевски која придонесе тој за секогаш да остане во вечната заедничка гробница на многумина негови колеги од целиот свет, на Хималаите.

До денес нема објаснување што чекаше Илиевски, зошто толку долго остана сам на врвот, горе над облаците, дали од преголемата желба и радост за да докаже дека и еден Монт Еверест, како и многу други дотогаш освоени врвови, може да биде под неговите нозе, или пак сакаше својот триумф горе на покривот на светот да го подели со Виктор Грошељ како и со Стипе Божиќ.

Словенечкиот алпинист се појавил на врвот некаде околу 18.40 часот, повторно прегратки, фотографирање. Сето тоа според зборовите на Грошељ трајало околу 20 минути, кога Илиевски, прв а потоа по него и Грошељ го напуштиле врвот и тргнале кон базниот логор. Кога се ќе се пресмета Илиевски непотребно останал повеќе од еден час на таа голема височина, трошејќи драгоцен кислород, толку потребен, каде што без него тешко се дише, се губи здив, се троши силата.

Во тие моменти во сите четири базни логори невидено славје, се славеше големиот успех и подвигот на Димитар Илиевски, кое за десетина часа подоцна се претвори во голема тага, солзи откако тој не се врати да ја подели радоста со своите другари од експедицијата.

Што се случи при спуштањето, каде залутал Илиевски, дали од преголемиот замор и долгиот престој на врвот застанал да се одмори и тука заспал со вечниот сон и замрзнал, тешко е да се одговори на тоа прашање. Дали му снемало кислород кој му предизвикал мозочен удар. Многу прашања на кои никогаш нема да се добие одговор. Едноставно Димитар Илиевски остана засекогаш во својата вечна бела гробница на Хималаите.

Покрај големата грешка што ја направи на врвот кога залудно остана повеќе од еден час, Илиевски ја направи и втората, можеби уште потрагична затоа што премногу брзаше и одеше сам за да се врати во последниот базен логор. Тука на Хималаите, без оглед дали се качуваш или спушташ од Монт Еверест, мораш да внимаваш на секој чекор, секој погрешен скапо се плаќа.

Многу пати во овие изминати триесет години откако на снежните беспаќа на Хималаите, тука под „покривот на светот“ Монт Еверест остана за секогаш во својата бела гробница еден од најдобрите македонски алпинисти Димитар Илиевски-Мурато е пишувано. За жал останаа многу неодговорени прашања, на кои никогаш нема да добиеме одговор, што се случи со него, зошто не успеа да се врати во базниот логор како што тоа го направија Стипе Божиќ и Виктор Грошељ кои заедно со него го освоија највисокиот врв на светот.

Вистината за неговата смрт ја знае само тој и никој друг. Тајната ја однесе во својата бела гробница, со поглед кон неговата најголема љубов-Монт Еверест, кој секогаш ќе го „гледа“ од непосредна близина.

Имав можност неколку пати да разговарам со Божиќ и Грошељ, да ја слушнам нивната приказна за трагедијата на Димче Илиевски. И двајцата се во едно категорични-Диме непотребно останал предолго на врвот и што е уште полошо, премногу брзал да се врати во последниот логор за да ја подели радоста со своите другари. Според нив тоа се најверојатно причините за неговата смрт, што не значи дека се само тие. Ова се само мислења на двајца искусни алпинисти кои многу пати престојувале на Хималаите.

– На патот кон врвот имав проблеми со боцата со кислород и затоа толку задоцнив на врвот, ни раскажуваше Виктор Грошељ. При искачувањето ги сретнав Божиќ и двајцата шерпаси кои се враќаа кон базниот логор. Одеа еден зад друг, полека но сигурно. Кога јас и Диме, кој предолго остана на врвот, наместо да се врати со Стипе Божиќ, тргнавме да се враќаме, тој набрзо ме остави сам , многу брзаше, не сакаше да ме послуша да одиме заедно, еден зад друг, за да си помогнеме ако биде потребно. Времето малку се смири, ветрот застана, ноќта беше светла, но беше многу студено, околу минус 40 степени. Во тоа брзање, на околу 400 метри од логорот Диме дури ги минал и Божиќ и шерпасите, беше одлично физички подготвен, издржлив. Кога јас се вратив во логорот, таму беа Божиќ и шерпасите, но Диме го немаше.

– Не знам, навистина незнам што се има случено . Мислам дека долгиот едночасовен престој на врвот беше трагичен за него. Потоа 15-часовното напорно искачување до врвот, па неколкучасовното симнување, сето тоа остава траги на организмот, истоштува, попушта концентрацијата, очите се затвораат, сонот, оној вечниот полека доаѓа, тоа е и најголемата опасност за секој алпинист. Претпоставувам дека Илиевски малку скршнал од патот, јас не го сретнав при моето враќање. Тоа може да биде и триесетина метри од патеката по која се враќавме, сосема доволно да не се забележи. На Хималаите, на тие бели беспаќа, човекот е само една мала точка.

-И ден денес не можам да го објаснам неговото непотребно брзање по тие хималајски карпи, покриени со снег и мраз, под кои никогаш не се знае што те очекува, беа првите зборови на искусниот Стипе Божиќ. Кога ме стигна на враќањето, замислете, тој тргна од врвот по мене дури по еден час колку само брзаше, го молев да ме почека, имав проблеми со везовите. Двапати ме сочека, но тогаш, ми мавна со рацете и уште побрзо тргна надолу. На околу 8.500 метри височина го загубив од видното поле, почна да се стемнува, повеќе не го видов.

-Мислам дека од големата премореност, застанал малку да се одмори, тука најверојатно го фатила слатка, на овие височини смртоносна дремка од која нема спас ако некој не те разбуди и помогне. Можеби му снемало кислород во боцата, можеби доживеал мозочен удар, кој е мошне чест кај алпинистите на хималајските височини. Претпоставки има многу, на Хималаите еден погрешен потег може да биде трагичен.

Диме Илиевски не одговараше на испратените пораки, иако беше достапен едно време по враќањето од Монт Еверест. Тука на половина пат од врвот до последниот базниот логор заврши неговиот животен пат.

Виктор Грошељ и двајцата шерпаси, откако се одморија тргнаа кон третион базен логор. Божиќ и членот на експедицијата Борче Јовчевски останаа уште два дена на височина од 7.790 метри да го чекаат Димитар Илиевски надевајќи се дека ќе се појави. Не го дочекаа и поради влошените временски услови и тие се вратија во почетниот базен логор. По Илиевски имаше уште неколкудневна потрага и од другите експедиции кои се наоѓаа на Хималаите, но се беше залудно.

Утре: Кој го видел телото на Димитар Илиевски?

Се вчитува...