СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Црн Дрим – првиот фудбалски клуб во Струга

На 19. јуни 1924 година во Струга е одигран прв фудбалски натпревар меѓу Црн Дрим и Победа од Охрид

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Кога ќе се спомне историјата на фудбалот во Струга, град од кој потекнуваат многу познати имиња предводени од Томе Тутенковски, некако сите мисли се насочени кон Караорман, клуб кој со години порано играше во Првата  лига на Македонија.

Само оние постари љубители на фудбалот се сеќаваат на првиот  клуб во Струга,ФК Црн Дрим во далечната 1923 година формиран од група ученици кои учеа во гимназијата во Охрид во повисоките класови и кои ги одиграа и првите два напревари во историјата на фудбалот во овој регион.

Интересно е да се напише дека првата фудбалска топка во Струга ја донел докторот Димитар Несторов, тогашен студент по медицина во Швајцарија, во 1911 година кога дошол да се види со родителите и да се одмори во родниот град. Со себе донел и фудбалска топка, која била вистинска атракција за неговите другари кои несмасно ја шутирале и се смееле гледајќи ја како неконтролирано отскокнува. Кога се вратил во Швајцарија топката останала заборавена во неговиот дом бидејќи неговите другари и не знаеле дека можат со неа да играат на два гола. Ниту пак ги знаеле правилата на фудбалската игра во тоа далечно минато.

Фудбалот во тие години во виорот на Балканските војни и на Првата светска војна беше заборавен, никој и не помислуваше на таа тркалезна топка. Дури десетина години подоцна кога група струшки гимназијалци, кои учеа во Охрид на екскурзија во Суботица од љубопитност купиле фудбалска топка со шнирач и пумпа, како и прирачник за правилата на фудбалската игра за да ги проучат бидејќи ништо не знаеле за нив.

По враќањето од Суботица, група млади стружани Јово Милев, кој ја купил топката, Вангел Коџоман, Ѓорѓи Милев, Стефо Пулејковски, Јаковче Нестор, Анастас Мојсо и Наумче Чакар на 23. јуни 1923 година се собрале во куќата на Димитар Попчето каде донеле одлука да се формира фудбалски клуб под име Црн Дрим. Тогаш Наумче Чакар се потсетил дека во куќата на Несторов останала првата фудбалска топка така што сега клубот имал две топки што во тоа време била вистинска реткост.

Повеќето млади стружани веќе ги имале научено почетните елементи на фудбалската игра но имале доста проблеми со постарите граѓани од Струга кои протестирале поради нивните конзервативни и патријахални сваќања, плашејќи се дека фудбалот ќе има негативни последици по нив.

На почетокот гледачите не знаеле дека може да навиваат за својот клуб

Прв официјален меч Црн Дрим одиграл на 19. јуни 1924 година против екипата на Победа од Охрид. На тој прв меч, кој дури бил и плакетиран, имало околу 100 гледачи, кои мирно  го следеле бидејќи и не знаеле дека треба да навиваат за нивниот клуб. Се одиграл во месноста „Мала Мера“, околу 2 километри одалечено од Струга. Стативите биле обоени со бела боја, биле извадени од шините од малата железничка пруга од Скопје до Охрид, додека горната  пречка била направена од испреплетан телефонски кабел.

Фудбалерите на Победа први дошле во водство со 1-0, но кога сватиле дека стружани можат да победат бидејќи биле понадмоќни и имале многу шанси, во 35. минута го напуштиле теренот, стравувајќи од пораз. И тогаш меѓу овие два града владеело големо ривалство, не само во фудбалот кое трае до ден-денес.

Реваншот се одиграл две недели подоцна на игралиштето Грашница во Охрид на кој Победа славела со 3-1. Нема податоци кој ги судел овие два натпревари.

Познат е составот на Црн Дрим на овие два натпревари кои влегоа во историјата на фудбалот во Струга. Играа: Муле Карамурат, Вангел Коџоман, Стево Пулејковски, Анастас Мојсо, Иван Коча, Јаковче Нестор, Ристо Тиле, Наумче Чакар, Сандре Деребан, Јово Милев и Коста Беле.

За жал поради влијание на многуте партии дошло до расцеп меѓу членовите на клубот и до негово целосно распаѓање и расформирање. Подоцна имало иницијатива да се обнови клубот под исто име, но тоа не го дозволиле тогашни власти и морале да го прифатат името новиот клуб да се вика Југославија.

Конечно, по ослободувањето и по завршувањето  на Втората светска војна на 5. ноември 1944 година на иницијатива на поранешни фудбалери беше формиран клубот Караорман, кој го прослави фудбалот во Струга. За прв претседател беше избран Галабин Ковачевски, а за секретар Димче  Белески.

Се вчитува...