Ќе научи ли конечно македонскиот спорт, и посебно оние кои се најпрепознатливите како негов репрезент, идоли и пример за сета младина кај нас и идни генерации, за спортска култура, чест и достонствена прослава на спортскиот успех!?
Вардар денеска, по години чекање дојде до нова шампионска круна, како заокружување на успешната сезона. И, сосема очекувана, и заслужена, на задоволство на сите во тимот, е еуфоријата во црвено-црните редови!
Но невкусно, а во најмала рака срамно, е кога таа еуфорија ќе премине во жестока навреда на најнеповикана трета страна, со недостоинствени „драматуршки восклици“ кои ниту најмалку не доликуваат на најтрофејниот македонски клуб, а кој во суштина треба да биде пример за сите останати.
А, уште посрамно е кога сето тоа ќе биде онака јавно споделено, како да е за некаква гордост, од Извршен директор на ФК Вардар, која функција во македонскиот фудбал, а кога се работи за институција како Вардар, треба нешто да значи. Без разлика што истиот, и онака досега споделувајќи бројни непристојности по социјалните мрежи, веќе и како да ја навикна македонската јавност на „најниското можно ниво на комуникација“.
Но, начинот на кој вечерва прославуваа „вардарци“ со еуфоричната порака: „Одам Скопје – Битола…, да је е*ам, да ја е*ам Каролина Гочева!“, и тоа како е за осуда.
Дополнително пожално што во една таква порака се вклучени и македонскиот селектор Гоце Седлоски, и македонски репрезентативци… Без сомнение, лоша порака, која ниту малку не е за споделување по социјалните мрежи. Од Извршен директор на ФК Вардар!
Во моменти, денови, месеци… кога се бориме против вербалното насилство и меѓу навивачите на трибините. А не, пак, кога доаѓа директно од спортистите и спортските работници!!!
Колку за потсетување… Еднакво срамно и жално, и по она видео, пак, кое се појави од Битола во јули минатата година, кога, пак, легендите на македонскиот фудбал Митко Стојковски и Ванчо Мицевски се најдоа во слична ситуација, со тоа што тогаш на приватна забава, за што и тогаш ЕКИПА реагираше…, меѓу ретките!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
