СРАМНО… Затворени врати за Дарио Ивановски на арената „Филип Втори“! (ФОТО)

Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски, олимписки стипендист и за ЛОИ 2020 во Токио, утрово наиде на непријатни сцени на арената „Филип Втори“ во Скопје во желбата да ги реализира однапред договорените свои тренинг активности.

За него единствениот стадион во државава на кој во суштина може да одработи нормален атлетски тренинг остана дрско затворен. Сето тоа наиде на отворен револт од Ивановски кој го сподели и преку социјалните мрежи…

„Како до олимписка норма, како до медал на Балкан, како да ја одберам кралската дисциплина – 1.500 метри, како да трчам за репрезентацијата, како да се борам со атлетичарите од другите држави што имаат се… кога пред нос ми ја затворија вратата на стадионот? Се е поважно освен резултатот…“ – напиша Дарио Ивановски утрово на својот фејсбук профил откако остана зад затворени врати на единствениот стадион во Скопје на кој вистински може да ги реализира неопходните тренинг активности.

И неговиот тренер, Игор Јакимовски уште пред еден месец јасно посочи на сите проблеми со кои се соочува најдобриот македонски атлетичар истакнувајќи дека и наспроти огромната желба која кај нив постои за успеси, за Дарио Ивановски нема услови за работи а постојано доцни и договорената олимписка стипендија.

Според нашите информации, вратите на најголемиот стадион за Дарио Ивановски денеска се затворени поради натпреварот од 1. квалификациско коло за Лигата на Европа меѓу Шкупи и Глазгов ренџерс. За жал, тоа е цената која ја плаќаат индивидуалците од „помалите“ спортови пред екипните наши спортови, кои и онака на европската сцена имаат во суштина резултати за потсмев.

„Бидејќи фудбалот е најважното нешто во Македонија. Тартанот е реклама, таман кога се подготвува некој натпревар, а натрапници како Дарио не им одат во прилог. Едeн ден Скопје и Македонија сите заедно ќе плачат за ова злато дете, само касно ќе биде“ – вели тренерот на Дарио, Игор Јакимовски.

Се вчитува...