СРАМОТА: Дебакл на Работнички на отворањето на АБА2

Кошаркарите на Работнички имаа катастрофално деби во АБА2-лигата откако попладнево загубија од екипата на Студентски Центар од Подгорица со преубедливи 98-69. Трите победи во македонското првенство придонесоа „центарци“ полни со самодоверба да се упатат кон Златибор, но таму веднаш следеше приземјување за тренерот Мираковски и неговите избраници, и тоа од црногорскиот состав кој во секој аспект од кошаркарската игра беше подобар од најтрофејниот македонски клуб.

Уште од самиот почеток стана јасно дека македонскиот претставник ќе има проблеми со нападот, Работнички првите поени ги постигна во третата минута со тројката на Вашингтон. Мечот беше израмнет само до осмата минута, кога при 15-15 тимот на Студентски Центар ја финишираше четвртината со серија од 9-0 и успеа резултатски да се одлепи. Тоа само им даде уште поголема сила на црногорските кошаркари, кои доминираа и во втората четвртина, на одмор заминувајќи со убедливи 47-33.

Сите надежи за евентуален камбек потонаа во првите неколку минути од третата четвртина, што „студентите“ од Подгорица ја отворија со 7-0, практично решавајќи го прашањето на победникот. Мираковски во текот на целиот меч се обидуваше да најде начин да го запре налетот на противникот, но кај „центарци“ денеска не функционираше ниту нападот, ниту пак одбраната, така што убедливиот пораз беше неизбежен.

Вашингтон со 17 и Николовски со 16 поени беа најефикасни кај „црвено-белите“ од Скопје при денешниот дебакл.

Работнички веќе в четврток ќе го игра својот втор меч од турнирот во АБА2, против екипата на Подгорица, тим што утре во рамките од првото коло ќе ги одмери силите со МЗТ Скопје.

Се вчитува...