Србија е голем предизвик, но и огромен мотив за младите репрезентативци

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година ги продолжува подготовките за квалификацискиот натпревар против Србија за пласман на Европското првенство во 2019 година. На денешниот тренининг се приклучија Давор Здравковски и Филип Илиќ.

Репрезентативците Ремзифаик Селмани и Петар Петковски сметаат дека доколку сите го дадат максимумот, Македонија може одново да се радува на позитивен резултат.

„Ова е нов и сосема поинаков натпревар од првиот во квалификациите против Ерменија. Србија е многу силна репрезентација и еден од фаворитите во нашата група. Ние повторно треба да бидеме силно мотивирани, добро да ги одработиме подготовките и да се надеваме на нов успех. Ќе направиме сѐ што можеме одново да ги израдуваме навивачите и да останеме на првото место во групата“, изјави Петар Петковски, напаѓачот на Вардар.

„Ова е почеток на подготовките, се надевам дека ќе бидеме здрави и ќе одработиме најдобро што можеме. Одлично ги започнавме квалификациите, но Србија е вистински предизвик. Имаат неколкумина фудбалери кои настапија и на ЕП во Полска, сигурно ќе бараат добар резултат и во Скопје, но јас се надевам дека многу од работите ќе зависат и од нас. Верувам дека можеме до нов позитивен резултат“, вели Ремзифаик Селмани.

Се вчитува...