Србија продолжува да владее со европското ватерполо

Србија ја продолжи доминацијата во европското ватерполо, откако вечерва по огромна битка дури по изведување на пенали славеше против Шпанија (7-7 во регуларниот дел, 5-4 на пенали). Со тоа, српските ватерполисти испишаа историја откако стигнаа до европската круна на четири шампионати во низа, за доказ за неверојатниот квалитет што го поседува нашиот северен сосед во овој спорт.

Шпанците бодрени од своите фанови во Барселона почнаа со гранитна одбрана, па Србија во првата четвртина не постигна ниту еден погодок (1-0). Во вториот период Србите стигнаа до израмнување преку Прлаиновиќ, но сепак Шпанија го контролираше резултатот се до последната минута од третата четвртина, кога со вториот гол на Прлаиновиќ Србија стигна до првото водство во финалето (6-5). „Црвената фурија“ со прекрасен гол со лоб-удар на три секунди пред крајот израмни на 6-6, резултат со кој се влезе во последните осум минути игра.

Србија на самиот почеток поведе со 7-6, Шпанија експресно израмни, за во последните шест минути мрежите да мируваат, па ова финале да биде решено со пенали. Како пресудна се покажа третата серија, кога Хернандез биеше само во дирекот, српските играчи беа прецизни и на крајот заслужено се радуваа на ново европско злато.

Претходно, во малото финале Хрватска ја победи Италија со 10-8, за прва европска бронза на „коцкестите“ на шампионатите на „стариот континент“.

Се вчитува...