Србија слави: Проектилот на Коларов ја реши Костарика

Србија го оствари зацртаниот план, со победа над Костарика (1-0) го стартуваше својот настап на СП 2018 и направи значаен чекор напред кон мундијалското осминафинале. Капитенот Александар Коларов беше човек на одлука, постигнувајќи еврогол кон средината на второто полувреме, за огромна радост на теренот и трибините и конечна капитулација на Кејлор Навас, кој претходно имаше неколку одлич и интервенции.

Двете селекции играа офанзивно, а Костарика ја имаше првата стопроцентна шанса. По еден центаршут од левата страна во 12. минута топката на вториот дирек стигна до осамениот Гонзалез, но тој наместо да ја смести зад грбот на Стојковиќ шутираше виссоко над голот. И двете екипи имаа полушанси до крајот на полувремето, а најсериозна беше ситуацијата кога Милинковиќ – Савиќ прифати една топка зад противничката одбрана, но биеше многу слабо со левата нога и Навас го одбрани неговиот удар.

Второто полувреме почна со стопроцентна шанса за Србија, Митровиќ излезе очи в очи со костариканскиот голман. Навас сепак беше немоќен во 56. минута, откако Коларов изведе слободен удар од лош агол од триесетина метри, но левиот бек на Рома шутираше милиметарски прецизно и ја смести топката во мрежата.

Србите потоа рутински ја одбранија предноста, не дозволувајќи им на противниците да создадат ниту една стопроцентна шанса за израмнување. Напротив, Србија беше селекцијата што имаше две одлични панси за втор гол, но Костиќ и Митровиќ од идеални ситуации не се снајдоа најдобро во противничкиот шеснаесетник.

По денешниот триумф, српските фудбалери полни со самодоверба ќе влезат во мечот од второто коло со Швајцарија, најверојатно клучен за пласман во осминафиналето, додека Костарика во следниот мундијалски меч ќе се сретне со фаворитот Бразил.

Се вчитува...