Србија – Словенија, финале за мерак и за ју-носталгија

Во периодот кога македонската кошарка го допира дното, на финалето од Евробаскет 2017 ќе играат две селекции од поранешна Југославија. По вчерашната феноменална партија на Словенија против Шпанија, денеска местото во финалето си го визираше и Србија, која славеше во полуфиналната пресметка со Русија со резултат 87-79. Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека Србите водеа речиси цел натпревар, па и покрај обидите на „зборнаја“ за камбек нашиот северен сосед предводен од Богдановиќ стигна до билетот за големото финале.

Србија подобро го отвори натпреварот, поведе со 5-0, но Русите веднаш одговорија со серија од шест поени. Богдановиќ влезе во ритам и набрзина постигна седум поени за водство од 16-10, но на спротивната страна се разбуди Швед, па резултатот беше намален на 16-15. Влегувањето на Марјановиќ на местото на Кузмиќ вроди со плод, Србија заигра уште поквалитетно, па со поените на Мициќ „орлите“ ја завршија четвртината со предност од 25-20.

И двете селекции грешеа на стартот од вториот период, но ситуацијата се промени кога Ѓорѓевиќ го врати на теренот Богдан Богдановиќ. Одличниот бек ја забрза играта на Србија, па заедно со Марјановиќ иницираше фантастична серија со која најпрвин стигна до двоцифрена предност (36-26), за веднаш потоа по украдената топка и положвањето на Богдановиќ рускиот селектор Базаревич да побара тајмаут при резултат 40-26. Серијата на Србија ја прекина Квостов со тројка, но „орлите“ сепак заминаа на одмор со одлични 14 поени предност (48-34).

marjanovic preku mozgov

Русите покажаа карактер, ги чекаа своите пет минути, па пред крајот на третата четвртина се вратија во полуфиналето. Откако со поените на Лучиќ Србија поведе со 57-41 следеше фантастична серија предводена од Фридзон (две тројки) од 11-0 за помалку од три минути, по што селекторот Ѓорѓевиќ беше принуден да побара тајмаут. По тајмаутот на теренот се вратија Богдановиќ, Јовиќ и Марјановиќ, Србија постигна седум поени во низа, па дојде ред на рускиот селектор да побара минута одмор, при водство на противникот од 64-52. Ѓорѓевиќ се соочи со проблем во следниот напад, откако не само што Швед погоди тројка, туку и Јовиќ го повреди скочниот зглоб.

Во последната четвртина се влезе со водство на Србија од 66-57, по што Русите набрзина постигнаа четири поени на стартот од четвртиот период. Гудуриќ со тројка ја прекина серијата, но потоа истиот кошаркар направи огромна грешка, губејќи ја топката, па правејќи неспортски прекршок. Србите одолеаја и поведоа со 75-65, но „зборнаја“ повторно со серија од осум поени, со тројката на Швед намалувајќи на 75-73 и принудувајќи го Ѓорѓевиќ на тајмаут.

sved srbija rusija

Резервниот плејмејкер Мициќ влезе во игра и постигна тројка за „плус пет“, а триесетина секунди подоцна Србија имаше одлична можност пак да се одлепи, но на Мачван му беше досудена лична грешка во напад. При водство на Србија од 78-74 Русите промашија тројка, но затоа на спротивната страна прецизен беше Богдановиќ, зголемувајќи на 81-74 на сто секунди до крајот. „Зборнаја“ овојпат немаше сили за камбек, па Србија заслужено го доби овој одличен натпревар со 87-79.

Богдановиќ со 24 поени беше најефикасен кај Србија, пред Марјановиќ со 18 и Лучиќ со 13 поени, додека на Русите не им помогна ниту маестралното издание на Алексеј Швед, кој го заврши ова полуфинале со 33 поени и пет асистенции.

Се вчитува...