Србинот Голубовиќ, нов десен бек на Пролет

Ѓорѓе Голубовиќ е нов член на Тинекс Пролет откако денеска беше потпишан договор за едногодишна соработка со овој српски ракометар. Со ангажманот на Голубовиќ клубот успеа да донесе квалитетно решение за позицијата десен бек, која беше испразнета со заминувањето на Никола Потиќ.

Голубовиќ е 29-годишен ракометар роден во Белград, кој зад себе веќе има и богато интернационално искуство. Тој ланската сезона ја мина во Хапоел Бер Шева во Израел, а претходно има настапувано и во неколку екипи во Романија, потоа во швајцарски Арау, во Чургои во Унгарија, но и во дресот на Адемар Леон во шпанската АЦБ-лига. Србинот исто така кратко време има минато во мак-ракометот, откако го носеше дресот на Металург под водство на Лино Червар во 2015 година.

Голубовиќ ќе се појави од стартот на подготовките под водство на новиот тренер Андон Бошковски и ќе има можност подобро да се запознае со соиграчите. Тимот во текот на месец август ќе одигра и неколку пријателски средби како загревање за двомечот од квалификациите за Лигата на Европа против шпанскиот претставник Гранолјерс.

Воедно, Пролет објави дека нема да ја продолжи соработката со браќата Филип и Александар Василевски, посакувајќи им многу среќа во наредните професионални ангажмани.

Се вчитува...