Србинот Видиќ ќе го води Пелистер до крајот на сезонава

Небојша Видиќ ќе го води кошаркарскиот тим на Пелистер до крајот на сезонава, откако битолчани решија да доведат нов тренер по здравствените проблеми со кои се соочија Марјан Илиевски. Под водство на Илиевски битолчани остварија огромен успех освојувајќи го првото место во лигашкиот дел од сезоната, но одличниот стручњак имаше проблеми со Covid-19.

Здравствената состојба не му е опасна по живот, но Илиевски не беше во можност да ги одработува тренинзите и да го води тимот во последниот месец, со исклучок на мечот од Купот на Македонија против Академија ФМП. Битолчани на крајот решија пред полуфиналната серија со МЗТ да доведат нов стратег, а изборот падна врз Видиќ.

Последен ангажман на српскиот стручњак беше како помошен тренер во рускиот прволигаш Нижњи Новгород, a најголем успех му е освоената титула во Бугарија како предводник на Балкан. Видиќ во овој клуб има соработувано со центарот Кесар и со плејмејкерот Калахан, кои ќе му бидат значајни адути и во овој плејоф.

Новиот стратег веќе го одржал и првиот тренинг во салата „Боро Чурлевски“, запознавајќи се со тимот пред пресметките со актуелниот првак МЗТ Скопје.

Се вчитува...