Гостивар загуби од МЗТ Скопје со 87-68 во полуфиналната серија од плејофот. Тренерот на Гостиварци Марјан Србиновски, смета дека неговиот тим на мечот не бил доволно агресивен, а без агресивна игра не може да се добие МЗТ Скопје.
„Тенки сме во ротацијата, моравме да почнеме со четири ниски кошаркарки. Фустингер брзо доби три лични грешки, не ни успеа тоа што го замисливме, а МЗТ го искористи тоа. Предноста што ја имаа на центарските позиции им донесе многу отворени шутеви со кои го добија мечот. Не бевме концетрирани во второто полувреме, како да бевме маѓепсани. Прво полувреме одигравме коректно, но второто полувреме вкупно имавме само пет фаули. Така не се игра против МЗТ. Мораме да бидеме поагресивни во одбрана, а во напад побрзо да се движи топката“, вели Србиновски.
Следниот натпревар од серијата ќе се игра во вторник во Гостивар, а Србиновски вели дека тие не се откажуваат и ќе се обидат да ја вратат полуфиналната серија во Скопје.
„Играме пред нашата публика. Очекувам полна сала. Да ги поправиме грешките кои што ги правевме денеска. Утре ќе одработиме краток тренинг, потоа ќе ги освежиме кошаркарите и ќе се обидеме да се подготвиме подобро“, завршува Србиноски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА