Гостивар ја оствари зацртаната цел од стартот на сезонава, втора година по ред обезбеди пласман во Супер-лигата, а овојпат успеа да се пласира и во плеј-офот, меѓу најдобрите четири екипи во македонската кошарка.
„Мораме да бидеме задоволни од она што го остваривме. Создадовме квалитетен тим, покажавме дека сме сериозен клуб и дека можеме да донесеме репрезентативци како Костоски и Трајковски. Резултатски минавме одлично, Супер-лигата ја завршивме со скор од седум победи и само три порази, што е извонреден резултат. Пласманот во полуфиналето е апсолутно заслужен, со него ги исполнивме зацртаните цели, но тоа не значи дека ќе се предадеме однапред во плејофот“ – истакнува тренерот Марјан Србиновски.
Во полуфиналето гостиварци ќе се сретнат со МЗТ Скопје, кој е главен фаворит за шампионската титула.
„Ќе се игра во згуснат распоред, а МЗТ има поголем ростер од нашиот, што го прави уште поголем фаворит. Сепак, како што реков, ние нема да излеземе на терен со бело знаме, ќе играме најдобро што знаеме и доколку ни се укаже можност, дефинитивно ќе сториме се за да го изненадиме лидерот на Супер-лигата“ – порачува Србиновски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА