Србиновски: Гостивар пак ќе атакува на висок пласман

Кошаркарите на Гостивар ги одработуваат подготовките во Гостивар, по што ќе влезат во серија пријателски натпревари за во топ-форма да го дочекаат почетокот на сезоната. „Сино-белите“ го задржаа костурот од домашни играчи (Костоски, Тасовски, Димчевски, Штерјов и Димитриевски), згора на тоа го потпишаа и Марјан Јанески, а квалитетно се засилија и со странски кошаркари (Армстед и Тодоровиќ).

Во исчекување на уште еден американски кошаркар на бековската позиција, тренерот Марјан Србиновски со оптимизам го очекува стартот на сезоната.

„Задоволен сум од тимот што го составивме, мислам дека завршивме добра работа во рамките на буџетот што го имавме на располагање за ангажман на кошаркари. Имаме квалитетни домашни играчи, добро се засиливме со странци и верувам дека ќе ги оствариме зацртаните цели. Првенството ќе биде поизрамнето од минатата сезона, но ние имаме квалитет за да се пласираме најпрвин во Супер-лигата, а потоа и да влеземе во плејофот. Првата фаза од подготовките вообичаено е и најтешка, но задоволен сум од залагањето на кошаркарите“, истакна Србиновски.

Се вчитува...