Србиновски: Гостивар покажа дека е силен, штом се воиграме ќе бидеме уште подобри

Тренерот на Гостивар, Марјан Србиновски, не го крие задоволството откако неговата екипа по голема битка славеше на гостувањето против Фени индустри, во многу значајната пресметка за четвртото место на табелата. Триумфот е уште позначаен ако се знае дека гостиварци на четири минути до крајот имаа двоцифрена негатива (76-65), но со фантастичен пресврт ги шокираа домашните кошаркари во салата „Јасмин“ во Кавадарци.

Тоа беше извонреден натпревар во кој по голема битка стигнавме до победата. На крајот се решивме за агресивна одбрана низ целиот терен што ни донесе резултат, се вративме во мечот и во последниот напад стигнавме до израмнување. Во продолжението психолошката предност беше на наша страна, знаевме како да го искористиме тоа и да стигнеме до победата“ – истакнува Србиновски.

Гостивар со ангажманот на Бојан Трајковски најави амбиции за влез во плејофот, а вчерашниот триумф е само еден чекор на патот до Топ 4 за Србиновски и неговите избраници.

„Дефинитивно ваков триумф ни беше неопходен за кревање на самодовербата кај кошаркарите. Покажавме за што сме способни, дека сме квалитетен тим и очекувам штом се воиграме со последните засилувања да бидеме уште подобри. Сега на ред е дерби-дуелот со Блокотехна, уште еден значаен меч за нас на кој со победа ќе бидеме чекор поблиску до зацртаните цели“ – оптимист е стратегот на гостиварци.

Се вчитува...