Гостивар изгоре во желбата да го земе скалпот на МЗТ Скопје, откако тимот на Марјан Србиновски вечерва одигра потпросечен натпревар во кој заслужено претрпе убедлив пораз. Поранешниот македонски селектор не го криеше разочарувањето по неуспехот во преполната сала „Младост“.
„Пред мечот горевме од желба, но можеби и изгоревме во тие обиди да се претставиме во што подобро светло. Севкупно гледано немам од што да бидам задоволен бидејќи потфрливме на секој план, особено во одбраната во која правевме почетнички грешки недозволиви за сериозна екипа. Штета е бидејќи имавме полна сала, поддршка од трибините каква што само може да се посака, но не ја искористивме. Она што ме разочарува е фактот дека на секои четири-пет минути играчите ми бараа размена, што е доказ дека сме предалеку од натпреварувачки ритам. Не ни останува ништо друго освен напорно да работиме во следните денови, за да се прикажеме во многу подобро светло во Купот на Македонија“ – изјави Србиновски по натпреварот.
Гостивар во четвртфиналето од Купот на Македонија в петок ќе ги одмери силите со екипата на Фени индустри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА