Србиновски: Се е полесно откако се врати Костоски

Гостивар славеше во дерби-дуелот против Работнички, со што тимот на Марјан Србиновски го зеде скалпот и на вториот финалист од ланскиот плејоф и ги потврди големите амбиции за оваа сезона.

„Морам да бидам задоволен кога ќе се одигра квалитетен натпревар против силен ривал како Работнички. Знаевме што е главен квалитет на противникот, ги неутрализиравме главните оружја на Работнички и со тоа си го трасиравме патот до победата. Од голема помош дефинитивно ни беше и враќањето на Костоски, кој поради повреда ги пропушти последните шест средби на нашиот тим. Екипата позитивно реагираше на неговиот камбек, играта ни беше поразновидна и на крајот заслужено стигнавме до победата“ – изјави Србиновски.

Гостивар по првите единаесет кола има осум победи и три порази, скор со кој тимот на Србиновски се наоѓа на делба на второто место на табелата заедно со Еуроникел.

„Амбициите остануваат исти како и на почетокот на сезонава. Како што е очигледно од самата табела, лигата е максимално израмнета, така што прва желба ни е влез во Супер-лигата. Потоа, сигурно ќе се обидеме во најмала рака да го повториме успехот од лани и влезот во полуфиналето. Сепак, има доволно време за такво нешто, сега следи краток период за одмор, а потоа ќе се насочиме на предизвиците пред нас. Се разгледуваат и неколку опции за евентуални засилувања, но добро ќе размислиме пред да ја донесеме конечната одлука“ – истакнува стратегот на Гостивар.

Се вчитува...