Србиновски суспендиран, плус ќе плати 90.000 денари

Тренерот на Гостивар, Марјан Србиновски, е ригорозно казнет за своето однесување на дуелот со Блокотехна, каде поранешниот македонски селектор бесен на судиските одлуки предизвика прекин одбивајќи да излезе од теренот откако му беа покажани две технички грешки. Србиновски заработи суспензија од два натпревари, а згора на тоа ќе треба да плати и 90.000 денари, од кои 50.000 за техничките грешки и уште 40.000 по пријавата од страна на официјалните лица.

„За жал овој натпревар ветуваше да биде празник за кошарка, еден вистински дерби натпревар, го расипа еден непромислен крајно непоспортски, агресивен акт на тренерот Србиновски, за кој мораме да вложиме пријава ние службените лица за понатаму да нема вакви немили сцени“ – се вели во дел од делегатскиот извештај, каде се открива и дека Србиновски им се заканувал на официјалните лица по натпреварот, со зборовите: „Живи нема да излезете од салата“.

Покрај тренерот, казна ќе треба да плати и раководството на Гостивар, и тоа во висина од 60.000 денари за фрлање на тврди и меки предмети, неспортско навивање кон службени лица и за неисправен технички уред во салата.

Се вчитува...