Србите избраа Шпанец за селектор, не е Давид Дејвис

Ракометната репрезентација на Србија доживеа фијаско на последните две големи натпреварувања, а по разделбата од селекторот Перуничиќ не се криеше желбата за нов кормилар да биде доведен стратег од Шпанија. Долго време како главен фаворит се споменуваше поранешниот асистент во Вардар, Давид Дејвис, кој сега со голем успех го води Веспрем, но до договор не дојде, па Србите избраа друг шпански стручњак за селектор.

Станува збор за Тони Џерона, кој во следните денови треба и официјално да го потпише договорот како кормилар на „орлите“. Станува збор за стручњак што моментно работи во францускиот клуб Шартр, но паралелно бележеше и добри резултати како селектор на Тунис. Тој стана првак на Африка пред две години, додека пред неколку месеци стигна до финалето од африканскиот куп.

Од неколкуте стратези со кои контактирале, Дејвис не успеа да постигне договор со Веспрем за „паралелна функција“, па Србите на крајот го избрале Џерона, кој нема таков проблем со Шартр. Се очекува по смирувањето на кризата со коронавирусот Џерона да пристигне во Белград на потпишување на договорот, а во меѓувреме ќе бидат познати и термините за одигрување на бараж-дуелите за СП 2021, во кои Србија за противник ќе ја има селекцијата на Словенија.

Се вчитува...