Среда по мерак на Вардар, дебакли за Шкендија и за Работнички

Вардар се искачи на првата позиција на табелата во Првата фудбалска лига по денешното седмо коло, откако го совлада Силекс со 1-0. Истовремено, ги искористи поразите на Шкендија и на Академија Пандев на домашен терен. Шкендија загуби од Победа (0-2), а и Академија Пандев доживеа пораз (0-2) од Ренова.

Македонија ЃП го декласира Работнички со 3-0. „Романтичарите“ го забележаа третиот пораз во низа, а Беласица дома славеше против Шкупи со 1-0.

Во Маџари, Вардар успеа да го совлада Силекс со 1-0. Виктор Нилдо Јуфо во 71.минута го постигна победничкиот погодок за „црвено-црните“.

Тетово остана во молк, по поразот на Шкендија од Победа. Иако тимот на Ќатип Османи имаше неколку убави шанси во првото полувреме, сепак, Чимназорм во 61.минута ја претрча одбраната на тетовци и го совлада Костадин Загов за огромно изненадување. Во финишот, Ѓорѓи Танушев во 87.минута уште еднаш ја затресе мрежата на Шкендија.

Досегашниот лидер Академија Пандев исто така загуби дома од Ренова со 0-2. Влатко Стојановски беше двоен стрелец за „гипсарите“ во 14. и во 70.минута од натпреварот.

Македонија ЃП стигна до првиот триумф, декласирајќи го Работнички со 3-0. Филип Стојчевски во седмата минута донесе водство, а Христијан Кировски во 28.минута зголеми на 2-0. Третиот погодок беше дело на ветеранот Боби Божиновски во 58.минута.

Беласица влезе во победнички ритам славеше со 1-0 против Шкупи. Зоран Балдовалиев беше стрелец на погодокот во седмата минута од средбата.

ПРВА ЛИГА, 7.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ШКЕНДИЈА – ПОБЕДА 0-2

ВАРДАР – СИЛЕКС 1-0

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – РЕНОВА 0-2

МАКЕДОНИЈА ЃП – РАБОТНИЧКИ 3-0

БЕЛАСИЦА – ШКУПИ 1-0

Табела: Вардар 17, Академија Пандев 15, Шкендија 14, Победа 11, Работнички 9, Беласица 8, Ренова 7, Македонија ЃП 6, Шкупи 5, Силекс 5.

Се вчитува...