Среќата ги следи храбрите, денес нека биде со Македонија

mec baner

Првичната цел е остварена со обезбедениот билет за осминафиналето. Сепак, македонските ракометари не се задоволуваат така лесно, па попладнево (17.45 часот) на дуелот со Исланд ќе се обидат да останат непоразени, резултат што би им го донел третото место во групата и осминафинале против Норвешка, наместо со домаќинот Франција.

Македонија и на претходните три мундијали (во Хрватска, Шпанија и во Катар) стигнуваше до втората фаза, но овојпат успехот е поголем бидејќи за Мец отпатувавме со подмладен тим, со двајца голмани дебитанти, но и со таков состав стигнавме до две стартни победи, а потоа и одигравме фантастичен меч против фаворитот Шпанија на кој на крајот сепак претрпевме несреќен пораз.

„Ние како мала земја и репрезентација од втор ешалон, рамноправно се носиме со големите селекции. Се надевам дека Господ ќе не награди затоа што не калкулиравме. Имаше многу шпекулации, но нема чување. Против Шпанија се боревме храбро со селекција која е една на врвот. Се надевам дека против Исланд ќе славиме и ќе дојдеме до третото место“, изјави капитенот Кире Лазаров.

Десниот бек ќе биде наш главен адут и за овој дуел, на кој Червар сигурно повторно ќе инсистира на „седум на шест“ во нападот, со засилена пикерска позиција со вклучувањето на Пешевски во составот.

Исланд по традиција е селекција која не ни одговара, впрочем од досегашните 12 дуели нашата национална селекција забележа само две победи, од кои најзначајна беше онаа во баражот за пласман на СП во Хрватска.

Последниот дуел со Исланд го одигравме на ЕП во Данска и загубивме со 27-29, претходно се сретнавме и на СП во Шпанија, каде противникот славеше со 23-19, но тоа не треба да значи ништо, бидејќи ова сепак е една „Нова Македонија“, чии можности и квалитети растат се повеќе со секој нов натпревар.

Се вчитува...